ХАВАНА, АРХИТЕКТОНСКИ БИСЕР НА ЛАТИНСКА АМЕРИКА, СЛАВИ 500 ГОДИНИ ПОСТОЕЊЕ

Хавана, (Би-Би-Си)

Хавана, главниот град на Куба, викендов одбележува 500 години од основањето. Со мешавината од колонијален стил, барок и арт деко, Хавана е едно од архитектонските богатства на Латинска Америка и бавното, сложено реставрирање полека го враќа стариот сјај на неговите бисери, кои страдаа од неколкудецениско неодржување и пропаѓање.

„Хавана, за среќа, успеа да го заштити своето архитектонско наследство, за разлика од други јужноамерикански градови, кои изгубија добар дел од својот историски идентитет поради забрзаното градење. За жал, тоа наследство е во многу лоша состојба и досегашната обнова не беше доволна“, изјави Џина Реј, кубанска специјалистка за урбано планирање.

Ова се некои од најпрепознатливите обележја на Хавана:

(Фото: Гети)

Хаванска катедрала или катедрала на Сан Кристобал е изградена меѓу 1748 и 1777 година. Барокното здание има две асиметрични кули и фасада богата со детали. Во внатрешноста се изложени голем број уметнички дела.

Цели 100 години, во катедралата бил погребан Кристофер Колумбо, но неговите останки биле префрлени во Шпанија по Шпанско-американската војна во 1898 година, по која Куба се здобила со независност.

Таа се наоѓа на Пласа де ла катедрал, еден од петте главни плоштади во стариот дел на Хавана, што се наоѓа на листата на светското културно наследство на УНЕСКО.

Пасео дел прадо е изграден во 1772 година и бргу станал едно од најпопуларните места во градот. Со редизајнот во 1920-ите, тој добил дрвја, бронзени скулптури на лавови и мермерни клупи, кои постојат и денес. Некои од најпознатите згради на Хавана се наоѓаат околу овој булевар.

Капитолио е еден од симболите на Хавана. Налик на американски Капитол, тој беше отворен во 1929 година како седиште на кубанскиот парламент, функција што си ја врати пред неколку години.

Гран театро де ла Хабана е отворен во 1915 година и денес е дом на Националниот балет на Куба.

Хотел „Насионал“ почна да се гради во 1920-ите, во времето кога Куба била популарна дестинација за американски туристи. Тој денес е национален споменик.

Едифисио Бакарди е еден од најдобрите примери на арт деко стилот во Латинска Америка. Завршена во 1930, таа е седиште на компанијата „Бакарди рум“.

Малесон е култна крајбрежна авенија на Хавана. Долга осум километри, таа почна да се гради во 1901 година и денес е популарна дестинација за семејства, двојки, уметници и туристи.