19 часот е и вообичаено преполното корзо Малекон во Хавана нагло се испразни.
За првпат од Кубанската револуција во 1959 година, во главниот град е воведен полициски час ноќе, додека властите се обидуваат да го спречат ширењето на коронавирусот.

„Кубанците не се навикнати да седат дома. Ние сме луѓе кои оживуваме во одреден момент од ноќта. Ова е стресно време, затоа што ние сме навикнати да излегуваме, да се смееме и да се гушкаме едни со други“, вели 60-годишната Миријам Лима.
Куба ги затвори границите по појавата на првиот случај на коронавирус во март и сѐ до јули успеваше да ја држи заразата под контрола, благодарение на превентивната изолација и секојдневната потрага по сомнителни случаи, во што учествуваше армија на студенти по медицина.

Ситуацијата се влоши минатиот месец, кога се регистрирани 1.400 нови случаи на коронавирус, па владата воведе 15-дневна општа забрана за движење од самрак до зора. Казната за непочитување на полицискиот час е 125 долари, трипати повеќе од просечната месечна плата на јавен службеник.
Според последните информации, во Куба досега има над 4.000 заразени и 95 починати од ковид-19, што е далеку подобра ситуација од остатокот на Јужна Америка. Хавана е единственото жариште во земјата, бидејќи во останатите делови заразата е скротена и училиштата повторно беа отворени.