Триесет и петтиот собир на културно-уметничките друштва од Македонија и соседните земји „Истибањско здравоживо“ годинава ќе се одржи комбинирано: гостите од 30-ина држави кои традицонално се дел од овој фестивал ќе се претстават онлајн, а 10 ансамбли од Македонија ќе настапат во живо. На заеднички собир, секоја година селото Истибања било домаќин на 500-700 учесници од земјата и странство.

„Почетокот е на 12 септември, а главната, вечерна манифестација ќе се одржи на 16 септември на плоштадот во Виница, каде што има доволно широк простор и за бината и за публиката, која на отворено ќе може да ја следи програмата со почитување на сите мерки“, вели градоначалникот на Виница, Ивица Димитров.

Стојко Митровски, првиот човек на домаќинот „Китка“ од Истибања, вели дека во оваа програма ќе учествуваат повеќе домашни културно-уметнички ансамбли, како вокалните ансамбли „Аманет“ од Скопје и „Илинден“ од Битола, фолклорната група „Копачка “ од Драмче, Делчевско и ансамблите „Гоце Делчев“ од Битола, „Дримкол“ од Вевчани, „Гавровски“ од Тетово, и „Митко Алексов“ од Кочани.

Т. ЈОВАНОВСКИ