И ХЕМИНГВЕЈ НЕ МОЖЕЛ ДА МУ ОДОЛЕЕ НА ПРАСЕЧКОТО МЕСО ВО НАЈСТАРИОТ РЕСТОРАН НА СВЕТОТ

Мадрид, (ДПА)

Ернест Хемингвеј го сметал за еден од најдобрите ресторани на светот и го овековечил во својот славен роман „Сонцето повторно се раѓа“, но тој е само една од многуте славни личности која уживала во „кочинилјо“ (младо прасечко месо), специјалитетот по којшто е познат „Собрино де Ботин“.

Со традиција од 1725 година, „Ботин“ и официјално е признат од Гинисовата книга на рекорди за најстар ресторан на светот. Неговите сопственици биле изненадени кога мадридскиот ресторан го добил ова признание во 1987 година.

„Ние мислевме дека најстариот ресторан би можел да биде некаде во Франција или Германија. Ова не го очекувавме“, изјави Хосе Гонсалес, чие семејство го купило ресторанот во 1930 година.

Постојат три основни критериуми за добивање на оваа титула.

„Ресторанот мора да биде во функција во континуитет, да биде на иста локација и цело време да има исто име“, појасни 58-годишниот Гонсалес.

„Ботин“ ги исполнил сите три, тој дури останал отворен за цело време на Шпанската граѓанска војна во 30-ите години од минатиот век. Потсетник на тоа мрачно време е скршената железна решетка на терасата на најгорниот спрат и Гонсалес вели дека тоа ќе си остане така.

„Дневно служиме околу 70 млади прасиња. Рецептот го наследив од дедо ми, а препознатливиот вкус се должи на благо пиперче, бело вино и на зачинот естрагон“, вели тој.

Меѓу славните гости кои имаат јадено тука се Брус Спрингстин, Глорија Естефан и Вуди Ален, а ги нагостил и Ненси Реган и кралицата Софија во 1985 година.