Едно државно училиште од Токио се најде на удар на критики откако одлучи неговите ученици да носат униформи од „Џорџо Армани“.

Основното училиште „Таимеи“, сместено во шопинг областа Гинза, го претстави планот за воведување нови училишни униформи, чиј еден комплет чини 80.000 јени, односно 730 долари. Основните работи од овој комплет се повеќе од двојно поскапи од она што сега го носат децата.

Директорката Тошицугу Вада кажа на прес-конференција дека изборот на еден од најреномираните модни брендови совршено ќе се вклопи во имиџот на училиштето. Таа појасни дека „Армани“ бил избран и затоа што има негов бутик во близина.

„Свесни сме дека новите униформи ќе бидат поскапи, но ќе ни се исплати. И покрај критиките, одлуката нема да се промени. ‘Таимеи‘ може да ја искористи моќта на овој моден бренд за да го зајакне својот идентитет“, изјави Вада.

Униформите на „Армани“ ќе почнат да се користат од април, но, сепак, нема да бидат задолжителни.