Пред пандемијата на ковид-19, низ светот се патуваше послободно од кога било. Авиосообраќајот беше во невиден подем, а просечен човек можеше без виза да патува во 107 дестинации низ светот.
Според индексот на пасоши на „Хенли“, кој периодично прави листа на највредните пасоши на светот, Азијците и натаму имаат најмногу отворени врати на светот. Јапонија е на врвот на листата и нејзините граѓани слободно можат да патуваат во 191 држава, а на второто место е Сингапур со 190 дестинации за кои не е потребна виза. Третото место го делат Јужна Кореја и Германија, чии државјани можат слободно да патуваат во 189 држави, па следуваат Италија, Финска, Шпанија, Луксембург (188), Данска и Австрија (187).
На Американците не им треба виза за 185 држави, но имајќи предвид дека моментално имаат забрана за влез во Европска Унија, тие сега имаат слобода за движење исто колку и Мексиканците.
Македонија го дели 47. место со Црна Гора, со можност за слободно патување во 124 држави. Послабо рангирани европски држави се Молдавија, Русија, БиХ, Грузија, Албанија…
На дното на листата е Авганистан, на чии жители виза не им треба само за 26 држави, а ништо полоши не се и Ирак (28), Сирија (29), Пакистан (32) и Сомалија (33).