Додека Шпанија се обидува да ја спаси својата туристичка индустрија среде пандемијата на коронавирусот, некои насетија можност да ја променат перцепцијата за шпански одмор.

Вообичаено, плажите на Мајорка, Ибица и на помалите острови од архипелагот Балеарски Острови во јуни би биле преполни со странски туристи, кои сочинуваа мнозинство од 16-те милиони гости кои лани дојдоа во овој регион.

Оваа сезона почна со 5.000 германски туристи, кои добија посебна дозвола да престојуваат во ресортот Палма Бич како дел од пилот-програмата за тестирање на шпанските протоколи за безбеден туризам.

„Задоволни сме со пилот-програмата, а нашите гости видоа дека безбеден летен одмор е можен“, изјави извршниот директор на Палма Бич, Хуан Мигел Ферер.

Иако бројот на летовите кон Мајорка несомнено ќе се зголеми, се очекува атмосферата да биде помирна во споредба со изминатите години. Во јуни, владата на Балеарските Острови објави дека лудите ноќи нема да бидат дел од ова лето. За пабовите и баровите ќе има ограничено работно време и нови услови, а воопшто нема да работат ноќните клубови во Магалуф, Палма Бич и Сант Антони, ресорти кои станаа озлогласени по таканаречениот „алкохолен туризам“, што особено привлекуваше млади Британци, Ирци и Германци.

„Нема да има таков тип на масовен туризам, зашто тие места нема ни да се отворат. Пораката е јасна. Почнавме процес кој е неповратен. Веќе нема да примаме и толерираме такви туристи кои се ризик и за себеси и за останатите. Хотелскиот сектор се изјасни дека сака квалитет, а не само бројност. Фокусот ќе биде на хотели со пет ѕвезди, плажи и гастрономија“, изјави Јаго Негерела, министерот за економија и туризам на Балеарските Острови.