ПРВИТЕ ДИНОСАУРУСИ БИЛЕ МАЛИ И СЕ ХРАНЕЛЕ СО ИНСЕКТИ

Њујорк, (Би-Би-Си)

Диносаурусите најчесто се замислуваат како огромни суштества, но новите докази покажуваат дека во почетокот биле многу мали и се хранеле со инсекти.

Овие докази доаѓаат од фосилите пронајдени на Мадагаскар, за кои се вели дека припаѓаат на предок на диносаурусите, кој живеел пред 237 милиони години и бил висок само десет сантиметри. Овој вид наречен конгонафон исто така би можел да помогне да се разјасни замагленото потекло на птеросаурусот, рептил со крилја кој владеел со небото во времето на диносаурусите.

За диносаурусите постои генерална претстава дека биле џинови. Но, ова ново животно е многу блиску до својствата на диносаурусите и птеросаурусите, а е шокантно мало“, вели коавторот на студијата Кристијан Камерер од Природонаучниот музеј на Северна Каролина.

Овој вид е пронајден во 1998 година на Мадагаскар од тим на палеонтолози. Диносаурусите и птеросаурусите, кои се појавиле пред околу 230 милиони години, припаѓаат на групата наречена орнитодира, за чие потекло многу малку се знае.