ЈЕМЕН РАЗВИВА ЕКОТУРИЗАМ НА СОКОТРА СРЕДЕ ВОЈНАТА КОЈА НЕ ГО ДОПРЕ УНИКАТНИОТ АРХИПЕЛАГ

Аден, (АФП)

Со своите раскошен пејзаж, необични дрвја, уникатни животни и тиркизни води, Јемен се надева дека архипелагот Сокотра ќе стане туристичка дестинација од сништата, иако земјата веќе седум години е во војна, од која не се гледа излез.

Сместени во Индискиот Океан на 200 километри од брегот на Јемен, шесте острови се дом на 50.000 луѓе и тие останаа речиси недопрени од војната, што го уништи остатокот на земјата и предизвика ужасни страдања.

(Фото: АФП)

Иако војната помеѓу владини сили и хутските бунтовници трае од 2014 година, на што се надоврза и пандемијата на коронавирусот, патници желни за авантура покажуваат голем интерес за Сокотра. Многумина доаѓаат од Обединети Арапски Емирати, кои ги поддржуваат властите кои ги контролираат островите.

За среќа, Сокотра досега не беше погодена од војната на јеменското копно. Никакви тензии и борби не се забележани, па туристите немаат потреба да бидат загрижени. Откако се обновија летовите од Абу Даби, добивме илјадници барања“, велат од локална туристичка агенција.

Јемен, кој и пред војната беше најсиромашната држава на Арапскиот Полуостров, со години се обидува да го претвори архипелагот во центар за екотуризам.

Сокотра се наоѓа 250 километри од Рогот на Африка и 1.000 километри од Аден, од каде што оперира јеменската влада. Таа е позната по уникатен, вонземски биодиверзитет: речиси една третина од тамошните 825 растенија и 90% од сите видови рептили се карактеристични само за неа, вели УНЕСКО, кој ја опишува Сокотра како „Галапагос на Индискиот Океан“.