КИЛИМАНЏАРО ДОБИ ИНТЕРНЕТ ЗА ДА МОЖАТ ПЛАНИНАРИТЕ ДА ОБЈАВУВААТ НА ИНСТАГРАМ И ТВИТЕР

Додома, (АФП)

Властите на Танзанија инсталираа супербрз интернет на падините на Килиманџаро (5.895 метри), со што сите кои ја качуваат највисоката планина во Африка ќе можат постојано да објавуваат на социјалните мрежи. Широкопојасната мрежа е поставена на надморска височина од 3.720 метри, што танзанискиот министер за информации Напе Наује го опиша како историски настан.

Сите посетители ќе бидат поврзани на интернет до таа точка. И на врвот ќе има интернет до крајот на годината“, кажа Наује.

Ова е последниот пример за зголемување на поврзаноста на некои од најнедостапните места на светот. Првиот повик преку мобилен телефон од Монт Еверест беше направен во 2007. Кога на 29 мај 1953 Едмунд Хилари и Тензинг Норгај станаа првите луѓе кои го искачиле највисокиот врв на светот, за тоа се дозна дури на 2 јуни.

Килиманџаро е важен извор на приходи за Танзанија и соседната Кенија и секоја година го искачуваат околу 35.000 луѓе.