Копенхаген за првпат е прогласен за најбезбеден град на светот, во годишното истражување што го спроведува Economist Intelligence Unit. Главниот град на Данска ги помина некогашните лидери Токио, Сингапур и Осака во Индексот на безбедни градови, кој првпат како мерило ја вклучи и заштитата на животната средина.

Истражувањето опфати пет столбови на урбаната безбедност во 60 градови (дигитална, здравствена, инфраструктурна, лична и еколошка), при што Копенхаген освои 82,4 од можни 100 поени.

Еден од клучните фактори кои Копенхаген го прават толку безбеден град е ниската стапка на криминал, моментално најниска во последните десетина години. Градот исто така се одликува со голема социјална кохезија и со релативно мал јаз во богатството. Тоа е место каде што чистач и извршен директор пазаруваат во ист супермаркет, а децата им одат во исто училиште“, изјави градоначалникот Ларс Вајс.

На второто место е Торонто со 82,2 поена, па следуваат Сингапур, Сиднеј, Токио, Амстердам, Велингтон, Хонгконг, Мелбурн и Стокхолм.

На дното на листата се Лагос, Каиро, Каракас, Карачи и Јангон.