Долгогодишната кастинг директорка на франшизата Џејмс Бонд, Деби Меквилијамс, вели дека аудициите низ кои мора да поминат пријавените актери за улогата на тајниот агент 007 се строги и траат долго време.

Во интервјуто за „Ентертејнмент викли“ таа вели дека голем број актери се земаат предвид за улогата и потоа еден по еден се одбиваат од разни причини. Првите двајца-тројца во најтесниот избор одат на тест пред камера, мора да извршат една каскадерска задача и се запознаваат со целиот тим.

„Тоа е заедничка одлука на продуцентите, студиото и режисерот, но главниот збор го има семејството Броколи“, вели таа.

Фамилијата Броколи е на чело на „Ион продакшнс“, компанијата која е продуцент на филмовите за Бонд.

„Модерниот Бонд треба да биде некој кој може сѐ да издржи, кој е атрактивен, во одлична физичка форма, способен не само да ја носи улогата, туку и да се носи со целата помпа околу неа“, вели Меквилијамс, која во тридецениската кариера била одговорна за изборот на Тимоти Далтон, Пирс Броснан и Даниел Крег.

Новиот филм „Не е време за умирање“ ќе излезе на 28 септември и ќе биде последен за Крег во улогата на Бонд. Сѐ уште не е познато кој ќе го наследи.