Кривата кула во Пиза, една од најпознатите европски знаменитости, не само што веќе не се накривува, туку експертите откриваат дека малку и се исправила.
Групата која го набљудува скапиот процес на реставрација вели дека „кулата сега е стабилно и веќе не се накривува“. Средновековниот споменик висок 57 метри дури се исправил за четири сантиметри во последните две децении, велат тие.
„Тоа е како да се подмладила за два века, како да сме ја спасиле за наредните 200 години. Она од што сме најзадоволни е стабилноста на камбанаријата, која е во подобра состојба отколку што мислевме“, вели професорот Салваторе Сетис.
Во 1990 година, кулата за првпат по 800 години беше затворена за јавност од страв дека би можела да падне. Во тој момент, таа била накривена за 4,5 метри, по што беше формиран меѓународен комитет за нејзина обнова. За да се коригира навалувањето за 45 сантиметри, биле потрошени 200 милиони фунти.
Кривењето е старо колку и самата кула, која почнала да се гради во 1173 година и се должи на помеката почва на јужната страна.