Минатата година, Барселона имала 30 милиони посетители, а сега нема ниеден.

Веќе шест недели, улиците на Барселона се празни и дури пред десетина дена Шпанија почна да излегува од еден од најстрогите карантини во Европа, кога на луѓето им беше дозволено да се рекреираат на отворено.

Шпанија има репутација на најбучна држава во Европа, но улиците на Барселона сега звучат поразлично. Главно се зборува шпански и каталонски, може да се слушне и германски, француски, урду и други јазици, но тоа се сѐ луѓе кои живеат во Барселона. Нема туристи, нема велосипедски тури, никој не се обидува да ги привлече минувачите во свој ресторан.

„Поминав покрај Саграда фамилија и таму имаше само четворица луѓе, сите полицајци. Уживаме во чистиот воздух, мирот, тишината, она на што досега не бевме навикнати. Но, ни недостига животот на градот“, вели Пере Марине.

И Амстердам е празен во времето на затворена Европа (Фото: Рекс)

Ова се случува и на други места. И Париз, Амстердам, Њујорк и Венеција наеднаш останаа без посетители.

„Венеција стануваше Дизниленд. Сега го гледаме градот каков што навистина е, место полно со светлина, повеќе село отколку град“, вели Алберта де Гренет, која живее во Венеција 20 години.

„Во март, наеднаш, слушавме само холандски околу нас. Наеднаш можевме да ја видиме вистинската убавина на центарот на градот, да ги видиме местата што со години сме ги избегнувале. Ги однесовме децата во Вален, зоната на црвените фенери, и немаше туристи, сексуални работнички, дилери на дрога. За паметење“, изјави Фулко Блокхујс, жител на Амстердам.