Милиони гледачи низ цел свет ја видоа тврдината во пустина во ТВ-серијата „Игра на тронови“, но не е многу познато дека се наоѓа во мароканското село Аит-Бен-Хаду.
Тврдината се наоѓа во планините Атлас, а беше дел и од сетот на епскиот филм „Гладијатор“ на Ридли Скот. Но, за разлика од други познати локации од филмската и телевизиската историја, овој локалитет под заштита на УНЕСКО досега го одминуваше масовниот туризам и токму тоа сакаат да го променат локалните жители.
„Неколкумина туристи ми кажаа дека дошле тука специјално за да ја видат локацијата на снимање на ‘Игра на тронови’. Тука постои потенцијал да го врземе туризмот со филмот, но, за жал, досега не сме го развиле“, вели локалниот водич Ахмед Бабуз.
Во тврдината има џамија и две гробишта, едни за муслимани, едни за Евреи. Тврдината нуди идеална филмска сценографија и затоа што е блиску до градот Карзазат, каде што се снимани филмови како „Лоренс од Арабија“ и „Мумија“.
Во „Игра на тронови“ тврдината служеше како фиктивниот Жолт град на Јанкај, кој беше освоен од Денерис Таргарјен.
„Сите овие продукции придонесоа за репутацијата на регионот“, вели 61-годишниот Хамади, кој бил и статист во некои од филмовите.
„Имаме многу богато филмско наследство со кое сакаме да ги привлечеме туристите. Но, ништо не укажува на тоа дека тука се снимаше ‘Игра на тронови’“, вели 29-годишниот Бабуз.
За споредба, Северна Ирска, Малта и Дубровник привлекоа илјадници туристи благодарение на нивната врска со серијата.
„Ејч-Би-О“ најави дека ќе се снима приквел на „Игра на тронови“, „Куќата на Змејот“, која исто така треба да се снима во Мароко.