НАЈКРАТКИОТ АВИОНСКИ ЛЕТ НА СВЕТОТ ПОВРЗУВА ДВА ШКОТСКИ ОСТРОВА И МОЖЕ ДА ТРАЕ И ПОМАЛКУ ОД МИНУТА

Единбург, (Си-Ен-Ен)

Најкратката редовна авионска линија на светот поврзува два шкотски острова и летот може да трае и помалку од минута. Според Гинисова книга на рекорди, патувањето е долго 2,7 километри и во деновите кога времето е поволно и нема многу багаж, на конечната дестинација се стигнува за 53 секунди.

Вакви летови има двапати или трипати на ден и ги поврзуваат Вестреј, остров на работ на северниот шкотски архипелаг Оркни и уште позафрлениот и помал остров Папа Вестреј. Преку година, тие се од суштинско значење за 80-ина луѓе кои живеат на овој остров, а во летните месеци доаѓаат и туристи, најчесто на еден ден.

На Папа Вестреј се наоѓаат некои од најстарите градби во Европа, стари над 5.000 години (Фото: Си-Ен-Ен)

Патувањето за посетителите почнува на аеродромот во Кирквол, кој е главен град на Оркни, каде што првпат се влегува во минијатурниот авион „бритен норман БН-2 ајлендер“ на компанијата „Логанер“. Оттаму има 15 минути лет до Вестреј, по што патниците продолжуваат на своето рекордно кратко патување. За тоа задоволство се плаќа 15 фунти.

Оние кои ќе седнат во некој од првите четири реда имаат поглед на пилотот, а местото каде што се патува се гледа од прозорецот уште пред полетувањето. Повратниот лет е речиси седум часа подоцна.

Островот има и бродска служба, која е доста побавна, па воздушната врска со Кирквол многу побрзо го обезбедува сето она што е неопходно, што вклучува и посета на бербер.