НАПРОЛЕТ ПОВТОРНО ЌЕ СЕ ОТВОРИ ЖЕЛЕЗНИЧКАТА ЛИНИЈА БЕЛГРАД-ЗАГРЕБ-ЉУБЉАНА

Белград, (Н1)

По повеќегодишна пауза, напролет повторно ќе профункционира железничката линија Белград-Загреб-Љубљана, изјави деканот на Сообраќајниот факултет во Белград, Небојша Бојовиќ.

Станува збор за трасата Белград-Шид-Винковци-Загреб-Љубљана и возовите би сообраќале три-четири пати неделно, вклучувајќи една ноќна линија. Цената во еден правец би била 20 евра.

„Во почетокот тоа би била пилот-линија, која потоа би станала редовна. За неа постои неопходната железничка инфраструктура, како и интерес на патниците, а за да се зголеми брзината на возовите, потребно е да се подобри техничката состојба на пругата од Рума до Шид. Оваа траса веќе постои во европскиот ред на возење, само треба да се активира“, изјави Бојовиќ.

Тој се надева дека во првото тримесечје ќе биде воспоставена една линија кон Љубљана, што подоцна би продолжила кон Австрија, а до средината на годината уште една.

Според Бојовиќ, европски план е до 2050 година 55% од сообраќајот да се одвива со железница.