НАПУШТЕНО СЕЛО ВО ШПАНИЈА СЕ ПРОДАВА ЗА 260.000 ЕВРА

Мадрид, (Би-Би-Си)

Салто де Кастро, село во северозападна Шпанија, е ставено на продажба по цена од 260.000 евра, колку што чини еднособен стан во побогати делови на Мадрид или Барселона.

Сместено близу границата со Португалија, на три часа возење од Мадрид, Салто де Кастро располага со 44 домови, хотел, црква, училиште, јавен базен и бараки изградени за потребите на цивилната гарда. Но, што се однесува до жителите, селото е напуштено повеќе од три децении.

Сегашниот сопственик го купил селото во почетокот на 2000-ите, со намера да го претвори во туристичко одредиште. Сепак, овие планови пропаднале поради економската криза во ЕУ.

Го продавам зашто живеам во град и не можам да го одржувам селото“, вели сопственикот, кој е во свои 80-ти години.

Од сајтот за продажба на недвижности „Идеалиста“ велат дека 300 луѓе веќе изразиле желба да го купат селото, при што понуди имало од Русија, Франција, Белгија и Велика Британија.

Салто де Кастро никогаш вистински не ни заживеало откако било изградено за вработените во една локална компанија во почетокот на 1950-ите и било целосно напуштено до крајот на 1980-ите. Денес е дел од она што се нарекува „испразнета Шпанија“, малку населени рурални средини на кои им недостигаат бројни услуги што ги има во градовите.