ОКТОБЕРФЕСТ ВЕРОЈАТНО НЕМА ДА СЕ ОДРЖИ ОВАА ГОДИНА

Минхен, (Ројтерс)

Октоберфест, најголемиот фестивал на пивото на светот, веројатно нема да се одржи оваа година поради пандемијата на коронавирусот, изјави премиерот на сојузната држава Баварија, Маркус Зедер.

Фестивалот во Минхен привлекува околу шест милиони посетители секоја година, што во сегашните околности би претставувало голем ризик. Тој треба да се одржи од 19 септември до 4 октомври, а канцеларката Ангела Меркел веќе ги забрани сите масовни собири и настани во земјата до 31 август, поради што се откажани голем број традиционални музички фестивали.

„Многу сум скептичен дека Октоберфест ќе може да се одржи оваа година. Тоа ќе биде голема штета, но имајќи ја предвид сегашната ситуација, не можам да замислам така голем настан да се одржи во тоа време. Конечната одлука ќе ја донесеме во наредните две недели заедно со градоначалникот на Минхен, Дитер Рајтер“, изјави Зедер.