Илјадници години, луѓето од индискиот остров Северен Сентинел живеат изолирано од остатокот на светот.
Тие користат копја, лак и стрели за да ловат животни на густо пошумениот остров и собираат растенија за јадење и за градење на свои живеалишта. Нивните најблиски соседи живеат повеќе од 50 километри далеку. Силно сомничави кон надворешниот свет, тие напаѓаат секого што ќе се обиде да им се доближи.
Локалната полиција кажа дека токму тоа му се случило на американскиот мисионер Џон Ален Чау (27), кој неделава беше убиен од припадниците на племето, откако ги занемарил сите законски забрани и предупредувања да не оди на островот. Тој имал добри намери и дури носел подароци за племето, но залудно.
„Тие само сакаат да бидат оставени на мир“, вели антропологот Ануп Капур.
Научниците веруваат дека Сентинелците се доселиле од Африка пред 50.000 години, но други детали за нивниот начин на живот се целосно непознати.
„Ова е едно од најранливите и најизолирани племиња на светот. Не знаеме дури ни колку ги има, десетици, можеби стотици. Не знаеме со каков јазик се служат, колку е стар. Никој нема пристап до нив“, вели Анвита Аби, која со децении ги проучува племињата од островите Андаман и Никобар, на кои им припаѓа Северен Сентинел.
Според неа, така треба и да остане.
„Зошто да вознемируваме луѓе кои успеале сами да се одржат десетици илјади години? Ние сме многу опасни за нив. И најмало надворешно влијание може да ги убие, бидејќи тие не се имуни на познатите болести“, додава Аби.
Пред неколку години, индиската влада строго го ограничи пристапот до островот и дури законски забрани племето да се фотографира.