Рајската плажа на тајландскиот остров Ко Фи Фи Ле, прославена во американскиот филм „Плажа“ од 2000, повторно е отворена за посетители по повеќе од три години. Сепак, отсега ќе важат строги правила за да се заштити заливот Маја од последиците на масовниот туризам.
Заливот ќе биде отворен за посети од седум до 18 часот, а бројот на гостите ќе биде ограничен на 375 во еден час, односно на 4.125 дневно. Секој гостин ќе може да се задржи најмногу 60 минути.
Исто така, капењето во тиркизните води на заливот е забрането, а оние што ќе го прекршат тоа ќе бидат казнети.
Чамците и бротчињата веќе не можат да ѝ пристапат на плажата преку заливот, туку ќе ги оставаат туристите на другата страна на островот.
По светскиот успех на „Плажа“ со Леонардо ДиКаприо во главната улога, туристите од цел свет нагрнаа во заливот, што значително го оштети тамошниот екосистем, особено коралите. Тајландската влада затоа ја затвори плажата во јуни 2018, што првично требаше да трае само четири месеци. Во мај 2019, забраната беше продолжена за две и пол години.