ПО 40 ГОДИНИ, ТУРИСТИТЕ ЌЕ СЕ КАЧУВААТ НА НАЈВИСОКИОТ РЕД ВО РИМСКИОТ КОЛОСЕУМ

За прв пат по 40 години, туристите во Рим од 1 ноември ќе може да се искачат до петтото и највисоко ниво на Колосеумот, кое што било резервирано за обичниот и сиромашен народ. Припадниците на нискиот општествен слој седеле на дрвени клупи, за разлика од сенаторите и и императорите кои седеле на пониските седишта, на мермерни клупи.

Додека првото ниво на Колосеумот било резервирано за императорот и за неговите сенатори, на второто биле сместени најблиските соработници на императорот. Третото ниво било отстапено на средната класа, а четвртото, кое што исто така ќе биде отворено за јавноста следниот месец, било ниво каде седеле трговците и продавачите.

Обичниот народ, работниците, морале да се качуваат по камени скали и да поминуваат низ слабо осветлени тунели за да стигнат најгоре на Колосеумот.
„Напорно било да се искачат до овде. Голем дел од народот си носел храна од дома, парчиња од пилешко месо, житарки. Игрите траеле по цел ден, па морале да дојдат снабдени“, вели директорката на Колосеумот, Росела Реа.

Посетителите имале билети со нумерирани седишта и на кој влез да влезат, налик како денешните стадиуми. Колосеумот е еден од најатрактивните туристички знаменитости во Рим, кој годишно привлекува над 6 милиони туристи.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *