ПОЧНА КАРНЕВАЛОТ ВО РИО, БРИТАНКА ЈА ПРЕДВОДИ НАЈГОЛЕМАТА ЗАБАВА НА СВЕТОТ

Рио де Жанеиро, (Дејли мејл)

Најголемата забава на светот почна во Рио де Жанеиро, а за првпат во 78-годишната историја на карневалот, престижната титула кралица на самбата ѝ беше доделена на една небразилска танчарка.

Триесет и седумгодишната Саманта Флорес, родена во Лондон како Мортнер, го доби централното место на популарниот Самбадром, каде што прославените училишта за самба од Рио ги демонстрираат своите вештини. Зелено-златниот костим во којшто настапи содржеше 12.000 кристали и 500 пердуви од фазан и чинел околу 6.500 фунти.

На годинашниот карневал се очекуваат шест милиони посетители (Фото: АП)

„Бев шокирана кога ја примив поканата да танцувам сама на Самбадромот. Јас не сум страсна бразилска жена. Имам огромна почит кон кралиците и музите од училиштето, сите се неверојатни. Јас не можам да се споредувам со нив, па најдоброто што можев да го направам е да бидам она што сум. Работев напорно пет години за да стигнам до тука и ова целосно ме обзеде. Кога танцуваш пред толку многу луѓе, се чувствуваш како вистинска поп-ѕвезда“, кажа Флорес, која одлучи да остави сѐ зад себе кога во 2006 годима замина на патување низ Бразил.

Таа вели дека во Рио се вљубила на прв поглед.

„По шест месеци, ја напуштив работата во северен Лондон и се преселив во Рио“, вели Флорес, која учествува во парадите од 2011 година.

(Фото: АП)

Над шест милиони луѓе, од кои 1,5 милиони странски туристи, се очекуваат да го посетат годинашниот карневал, што трае до 14 февруари. Најдобрите 13 училишта за самба ќе се натпреваруваат едно против друго, а секоја нивна парада чини речиси 1,4 милиони фунти.

(Фото: АП)
(Фото: АП)