Минатата година, Барселона, која има 1,6 милиони жители, нагостила 30 милиони туристи, Венеција (270.000 жители) регистрирала 25 милиони посети, а Амстердам (873.000 жители) го посетиле 19 милиони туристи.

Масовниот туризам ги задуши најпопуларните европски дестинации, а сега кога туристите ги нема, тие стравуваат од економска пропаст. Трговските асоцијации проценуваат дека 15% од бизнисите и секој четврти ресторан во Барселона трајно ќе затворат поради коронавирусот, загрозувајќи десетици илјади работни места.

Од друга страна, пандемијата им даде уникатна можност на овие градови да го преиспитаат својот бизнис модел.

Барбора Хруба од Туристичката агенција на Прага вели дека „чешката престолнина сега сака поинаков тип на посетители“, а градскиот советник во Барселона Ксавиер Мансе кажа дека „градот не сака повеќе туристи, туку повеќе посетители“.

Улиците на Барселона се невообичаено празни (Фото: ДПА)

„Градовите кои станаа презависни од туризмот сега ја плаќаат цената на монокултурната економија“, смета заменик градоначалничката на Барселона, Ханет Санс.

Иако туристите полека се враќаат во Венеција, тие главно доаѓаат со воз од Австрија, Германија, Белгија и Франција, а повеќето хотели остануваат затворени или се пополнети само 30%.

„Ова е време на преиспитување. Ние не сакаме повеќе или помалку туризам, туку подобар туризам, со подобра дистрибуција на туристите по сезона и локација“, вели Санс.

Паола Мар од градската власт на Венеција смета дека пандемијата ќе предизвика големи промени во туризмот.

„Никој веќе нема да патува како досега. А, тие што ќе патуваат, ќе го прават тоа на помирен начин. Можеби ќе видат помалку, но ќе уживаат повеќе“, вели таа.