Рим забрани туристите да седнуваат на славните Шпански скали. Изминативе денови може да се види како полицајците им свират со свирчиња на туристите да ги спречат да не седнуваат на италијанскиот споменик.
Мермерните скали, едни од знаменитостите на главниот италијански град, со години се атракција за турсистите, каде може да одморат на кратко и да се фотографираат.
Во обид да го спречи таквото однесување, Советот на Градот летово донесе нови правила со кои се забранува седење на историските споменици како Скалите и фонтаната во близина.
Престапниците може да добијат казна до 400 евра, за прекршоци како седење, одење без маица, бањање во фонтаните и влечење на куфери со тркалца низ скалите.
Шпанските скали, кои станаа славни по американскиот филм од 1953 „Празник во Рим“ со Одри Хепберн и Грегори Пек, беа реставрирани со 1.5 милиони евра од брендот за луксузен накит „Булгари“.
Шпанските скали се дело на архитектот Франческо де Санктис, изградени помеѓу 1723 и 1726 и се под заштита на УНЕСКО. Низ годините имаат оштетувања од загадувањето, како и остатоци од гуми за џвакање и дамки од истурено вино и кафе.