РОДНИОТ ГРАД НА МЕСИ ОРГАНИЗИРА БЕСПЛАТНИ ТУРИ НИЗ МЕСТА ОД НЕГОВОТО ДЕТСТВО

Росарио, (АП)

Родниот град на Лео Меси организира тури на кои посетителите можат да се запознаат со местата каде возел велосипед, играл фудбал, играл криенка или крадел лимони од соседите. Аргентинскиот град Росарио на овој начин го слави својот 32-годишен херој, кој неодамна ја доби шестата „Златна топка“ како најдобар светски фудбалер.

Турата низ населбата Ла Бајада ја организира Градското собрание и е бесплатна. Има и апликација која е преведена на повеќе јазици и ги води туристите низ 10 станици.

Родната куќа на Меси (Фото: АП)

Во населбата, која се наоѓа во градот на 300 километри од Буенос Аирес, најмногу има куќи на два спрата, а живее средна класа. Долж улицата Израел се наоѓа сива куќа со затворени завеси. Нема никаков знак кој ќе покаже дека тоа била родната куќа на Меси и иако денес никој не живее таму, сѐ уште му припаѓа на неговото семејство. Соседите и пријателите на Меси со голема љубов и отворено споделуваат приказни за него.

Цел град е со графити на Лео Меси (Фото: АП)

Од Градското собрание велат дека семејството на фудбалерот не учествувало во подготвувањето на турата.

„Сакаме да потенцираме дека Лео е производ на овој град и дека овде има голем број приказни за фудбалската суперѕвезда“, изјави Сантијаго Валенти од туристичката агенција на Росарио.

Меси е роден во семејство на четири деца и на 13-годишна возраст се преселил во Барселона.