НОВО ДЕЛО НА БАНКСИ СЕ ПОЈАВИ ВО ХОТЕЛОТ СО НАЈЛОШ ПОГЛЕД НА СВЕТОТ

Витлеем, (Би-Би-Си)

Најновото дело на Банкси, кое го дава неговиот поглед на сцената на раѓањето на Исус, се појави во хотел во Витлеем на Западниот Брег.

Насловено „Лузната на Витлеем“, тоа ги прикажува јаслите на Исус со неговите родители Марија и Јосиф, поставени пред израелска бетонска бариера, која е продупчена со куршум на местото каде што треба да има ѕвезда.

Хотелот „Волд оф“ се наоѓа веднаш до ѕидот што го дели Витлеем (Фото: Гети)

На Инстаграм, Банкси појасни дека тоа е модифицирана верзија на сцената на раѓањето на Исус.

Делото се појави во хотелот „Волд оф“, кој е во сопственост на Банкси и се наоѓа веднаш до ѕидот што го дели градот. Отворен пред две години, тој е опишан како хотел кој го нуди „најлошиот поглед на светот“ и е исполнет со оригинални дела на мистериозниот британски уличен уметник.

„Банкси ја искористи божиќната приказна за да покаже како живеат Палестинците на Западниот Брег. Ова е одличен начин да ги натерате луѓето малку повеќе да се замислат“, изјави менаџерот на хотелот Висам Салса.

И додека Израел тврди дека бариерата е потребна за да се спречуваат терористички напади, Палестинците велат дека таа е алатка за одземање земјиште. Меѓународниот суд на правдата го прогласи за илегален.