Шкотска следната година ќе добие хотел што ќе биде сон за секој љубител на пивото.
Не само што во секоја соба ќе има пиво на точење, туку и во туш-кабините ќе има вграден фрижидер.
Приватната пивара „Брудог“ планира да го отвори хотелот „Догхаус“ во почетокот на наредната година, во којшто пивото ќе им биде на дофат на гостите во секој момент.
Тој ќе биде сместен во рамките на седиштето на пиварата во Абердин и ќе има 26 соби, при што секоја од нив ќе биде опремена со чешма со пиво.
А, бидејќи љубителите на пивото се постојано жедни, тие ќе можат да пијат и додека се тушираат, благодарение на вградените фрижидери.
За да се постигне целосен амбиент, хотелските соби ќе имаат поглед на пиварата и ако се тргнат завесите, ќе може да се гледа производствениот процес, односно магијата на правење пиво.
Сличен тематски хотел годинава треба да се отвори и во САД, поточно во Колумбус, Охајо. Тој во менито ќе има храна со вкус на пиво, а гостите ќе можат да се релаксираат во пивско спа.