СЛАБО НАСЕЛЕНИ ЕВРОПСКИ ГРАТЧИЊА БАРААТ НОВИ ЖИТЕЛИ И ПЛАЌААТ ЗА ТОА

Париз, (Јуроњуз)

Европски места во кои што опаѓа бројот на населението нудат дарежливи парични стимулации за новите жители. Многу рурални области се соочуваат со стареењето на популацијата, додека младите се селат во градовите или избираат да немаат деца. Како едно од решенијата, локалните власти охрабруваат странци да се преселат кај нив и за тоа да добијат грантови и парични надоместоци.

АЛБИНЕН, ШВАЈЦАРИЈА

Сместен во швајцарските Алпи, ова гратче денес има само 250 жители. За да го зголеми бројот, малата општина им нуди над 50.000 евра на семејствата за да се преселат. Возрасните над 45 години ќе добијат по 25.300 евра, плус 10.120 евра за секое дете. Шемата е достапна само за швајцарските државјани и за странците кои доволно долго живеат во Швајцарија. Оние кои ќе прифатат мора да се обврзат дека ќе живеат во Албинен најмалку 10 години.

ПОНХА, ШПАНИЈА

Овој град во северозападна Шпанија остана со 600 жители, па им нуди по 3.000 евра на Британците за преселба, плус уште толку за секое дете родено тука.

РУБИЈА, ШПАНИЈА

Ова село во Галиција им нуди 150 евра месечно на доселениците. Главната цел на шемата се семејства, со цел да се зголеми бројот на ученици во локалните школи.

КАЛАБРИЈА, ИТАЛИЈА

Преселбата во село со помалку од 2.000 жители во овој југозападен италијански регион може да ви донесе до 28.000 евра. Заинтересираните мора да имаат најмногу 40 години и да се преселат во регионот за 90 дена од одобрувањето на апликацијата. Тие исто така мора да почнат бизнис тука или да си најдат работа.

ПРЕЗИЧЕ-АКВАРИКА, ИТАЛИЈА

Оваа општина во јужниот регион Пуља плаќа до 30.000 евра за преселба. Се состои од две гратчиња, Презиче и Акварика дел Капо, кои се окружени со села и насади со маслинки. Добиените пари мора да се искористат за купување или обнова на некој од многуте ненаселени имоти во областа. За секое бебе родено тука се добиваат по 1.000 евра.