Прибежиште за анархисти, хипици и уметници, данскиот слободен град Кристијанија наполни 50 години и иако не успеа целосно да ги избегне модернизмот и капитализмот, неговата слободна душа останува недопрена. Сместена во срцето на Копенхаген, Кристијанија едни ја гледаат како напреден социјален експеримент, а други како наркоманско дувло.

На 26 септември 1971, група хипици трансформираше напуштени армиски бараки во централен Копенхаген во свој дом. Го истакнаа знамето на слободата и својот нов дом го именуваа „Кристијанија, Слободен град“. Тие сакале да воспостават алтернативно општество, водено од принципите на љубов и мир, каде што одлуките ќе се носат колективно, а законите нема да бидат наметнати. Лесните дроги беа дозволени, а се преферираше споделувањето место купувањето.

„Тоа беше заедница што им припаѓаше на сите и никому“, вели Оле Лике, кој се пресели во енклавата од 34 хектари во 1970-ите.

Кристијанија денес е дом на околу 900 луѓе (Фото: АФП)

Сите овие принципи важат и денес, но областа се промени на многу начини и, меѓу другото, стана туристичка атракција. Најважно од сè, Кристијанија веќе не е сквот, туку жителите станаа легални сопственици на имотот кога го купија од данската држава во 2012.

Таа денес е дом на околу 900 луѓе, меѓу нив има доста уметници и активисти, а годишно ја посетуваат половина милион туристи. Околу 40 луѓе се и редовно вработени.

„Местото денес е понормално“, вели 75-годишниот Лике.

Кристијанија остана културен центар, пред пандемијата таму се одржуваа 20-ина концерти неделно, но кружи и доста дрога. Од почетокот на 2020, данската полиција запленила повеќе од еден тон канабис.