„ФЕЈСБУК“ ГО СТОПИРАШЕ ПРОЕКТОТ ИНСТАГРАМ ЗА ДЕЦА ПО ЛОШИТЕ РЕАКЦИИ

Њујорк, (Би-Би-Си)

Компанијата „Фејсбук“ ги стопираше плановите за лансирање на Инстаграм за деца, наменет за помлади од 13 години, откако „Вол стрит џурнал“ објави дека едно интерно истражување утврдило дека оваа социјална мрежа е токсична за тинејџерки.

„Во наредниот период ќе се консултираме со родители, експерти, креатори на политики и регулатори“, изјави шефот на Инстаграм, Адам Мосери.

Инстаграм налага корисниците да имаат најмалку 13 години за да можат да отворат профил, но признава дека тоа тешко се регулира.

„Инстаграм за деца ќе биде практично решение за постојниот проблем кога деца лажат за својата возраст за да пристапат на апликацијата и ќе им овозможи да се поврзат со пријатели и роднини на соодветен начин“, кажаа претходно од компанијата.

Според Мосери, подобро е да постои Инстаграм за деца од 10 до 12 години отколку да се потпираат на способноста на апликацијата да ја потврдува возраста.

„Реалноста е дека децата веќе се на интернет“, кажа Мосери.

Едно истражување од 2020 покажа дека 32% тинејџерки кои имаат лошо мислење за своето тело се чувствуваат уште полошо кога се на Инстаграм.