Таџ Махал ги отвори своите врати за посетители по шест месеци пауза, најдолго што бил затворен во историјата. Величествената мермерна гробница беше затворена во март откако земјата прогласи карантин, со цел да се спречи ширењето на коронавирусот.
Согласно новите мерки, Таџ Махал дневно ќе можат да го посетат најмногу 5.000 луѓе, што е незначителна бројка, имајќи предвид дека пред пандемијата, тој примаше 70.000 туристи на ден.
Таџ Махал во поновата историја само уште двапати бил затворен: на неколку дена во 1971 година поради индиско-пакистанската војна и потоа во 1978 кога градот Агра бил поплавен.
Целиот простор беше дезинфициран пред денешното отворање во осум часот по локално време и сите вработени мора да носат маска и визир. Картите се купуваат само онлајн, а групното фотографирање е забрането.
„Нема мешаници, ова не е Таџ Махал што го знаеме. Мислам дека нема да има многу посетители сѐ додека бројот на нови случаи на коронавирус расте“, изјави локалниот новинар Кумар Синг.
Индија ја надмина бројката од пет милиони случаи на зараза.