„ТРИПАДВАЈЗОР“ ГО ИЗБРА ПАРИЗ ЗА НАЈПОСАКУВАНА ДЕСТИНАЦИЈА ЗА 2018

Њујорк, (Дејли мејл)

„Трипадвајзор“ ја објави својата годишна листа на најпосакувани дестинации во светот за 2018 и на првото место се најде Париз, заменувајќи го Бали на врвот.

„Со фантастичната кујна, многубројните кафулиња и со славните атракции, како ‘Лувр‘ и Ајфелова кула, градот на љубовта никогаш не разочарува“, се вели во појаснувањето на американската интернет компанија.

„Трипадвајзор“ ја прави листата користејќи алгоритам, што анализира милиони рецензии и оценки на хотели, ресторани и атракции, собрани во текот на една година.

На тој начин, на второто место се најде Лондон, по што следуваат Рим, ланскиот победник Бали и Крит.

„Во Лондон има толку многу атракции што мора да се видат. Лесно е да бидете обземени од градот“, стои во препораките за англиската престолнина.

Во првите десет градови уште се најдоа Барселона, Прага, Маракеш, Истанбул и Њујорк.