НЕПАЛЕЦ ОДИ НА РЕКОРДНОТО 22. ИСКАЧУВАЊЕ НА МОНТ ЕВЕРЕСТ

Катманду, (Би-Би-Си)

За секој човек, одењето на Монт Еверест значи застрашувачко соочување со непознатото.

Но, не и за Ками Рита.

Четириесет и осумгодишниот Непалец ќе се обиде да постави нов рекорд во бројот на успешни искачувања на највисокиот врв на планетата. Тој досега 21 пат бил на покривот на светот на 8.848 метри, со што го дели рекордот со уште тројца свои сонародници. Тие сега се пензионирани, па Ками има можност да го зацементира својот статус на најискусен качувач на Монт Еверест.

„Ќе направам уште еден обид за да испишам историја и да ги направам горди мојот народ и целата шерпаска заедница“, вели Ками, кој работи како водич за една американска компанија.

Тој првпат се искачил на Монт Еверест во 1994 година, а последен пат бил горе во мај минатата година.

Странски планинари често користат помош од искусни Шерпаси како Ками. Овојпат, тој ќе предводи меѓународен тим од 29 планинари, меѓу кои и Американец и Јапонец. Искачувањето ќе го почнат за две недели.

„Ако сѐ биде според планот, последниот дел ќе го качуваме на 29 мај. И ако овој обид ми биде успешен, ќе продолжам да го подобрувам рекордот. Сакам да дојдам до бројката од 25 успешни искачувања“, вели Ками.