Властите на Венеција ја одобрија мерката според која туристите ќе плаќаат до десет евра за влез во градот.
Буџетот на Италија за оваа година содржи клаузула која на Венеција ѝ дозволува ваква такса, која првенствено ќе се однесува на туристите кои доаѓаат со крузери во еднодневна посета. Ваква такса претходно беше воведена и за Липарските Острови на Сицилија.
Локалните жители со години се жалат дека масовниот туризам го расипува имиџот на градот. Стотици крузери и над милион туристи пристигнуваат во Венеција секоја година и градоначалникот Луиџи Бруњаро вели дека оваа такса ќе собере приходи за одржување на градот чист.
Таа би требало да изнесува меѓу 2,5 и пет евра, но во летните месеци ќе порасне на десет евра.