ТУРКМЕНИСТАН САКА ДА ЈА ИЗГАСИ „ПОРТАТА НА ПЕКОЛОТ“, КРАТЕР КОЈ ГОРИ СО ДЕЦЕНИИ

Ашгабат, (Би-Би-Си)

Претседателот на Туркменистан, Гурбангули Бердимухамедов, нареди да се изгаси таканаречената Порта на пеколот, оган што со децении гори во огромен пустински кратер со гас. Тој сака да го изгасне од еколошки и здравствени причини, но и како дел од напорите да се зголеми цената на извозот на гасот.

Создавањето на кратерот Дерваза во пустината Каракум е окружено со мистерија. Многумина веруваат дека настанал при неуспешна советска операција за дупчење во 1971 година. Канадскиот истражувач Џорџ Курунис ги испита длабочините на кратерот во 2013 и откри дека никој не знае како почнал огнот.

Според локалните геолози, огромниот кратер се формирал во 1960-ите, но се запалил дури во 1980-ите. Денес, тој е една од најпопуларните туристички атракции во Туркменистан.

„Губиме вредни природни ресурси, место значително да профитираме од нив и така да ја подобриме добросостојбата на нашиот народ“, изјави Бердимухамедов.

Досега имало повеќе обиди да се изгасне кратерот, кој во 2018 официјално бил преименуван во Сјајот на Каракум.