Само една недела откако беше одбележан национален ден во чест на сите починати од ковид-19 во Италија, црковните ѕвона во Венеција ѕвонат во чест на 1.600 години од основањето на градот.
Венеција, една од најатрактивните туристички дестинации во која годишно доаѓаа милиони туристи, овој пат го ограничи присуството на славеничките настани поради ковид пандемијата.
„Денеска почнува со порака на надеж: Венеција е жива, Италија е жива“, напиша градоначалникот Луиџи Бруњаро на Твитер, најавувајќи година на прослави, но со физичка дистанца, при што повеќето ќе се пренесуваат во живо преку стриминг.
Градот го почна одбележувањето со миса во катедралата „Св. Марко“ на истоимениот плоштад во центарот на стариот дел.
Според легендата, Венеција била основана на 25 март 421, но историчарите денес го оспоруваат овој датум поради недостиг на историски извори.