ЗА 105.000 ДОЛАРИ ЌЕ МОЖЕ ДА СЕ НОЌЕВА ВО ХОТЕЛ НА СЕВЕРЕН ПОЛ

Осло, (Си-Ен-Ен)

Во април 2020 ќе се отвори привремен хотел на Северен Пол, а едно ноќевање ќе чини 105.000 долари. Хотелот во вид на игло ќе се состои од десет куќи со греење, каде што гостите ќе можат да спијат под ѕвездите во замрзнатиот центар на Арктикот.

„Северниот Пол со години е една од најексклузивните туристички дестинации на светот, но таму нема услови за удобен престој“, вели Џен Хонканен, основач на „Лакшри екшн“, туристичката компанија која стои зад овој амбициозен проект.

Северниот Пол е недостапен во најголем дел од годината, но во април до таму може да се дојде со хеликоптер, а во јуни и јули и со брод. Годишно доаѓаат околу 1.000 луѓе.

Во иглата ќе има греење, тоалети, готвачи, водич, менаџер и обезбедување.

„Обезбедивме полн аранжман, но дефинитивно мора да имате дух на авантурист или научник за ова“, вели Хонканен.

Во пакетот од 105.000 долари (95.000 евра) се вклучени две ноќевања во Свалбард, последното населено место меѓу Норвешка и Северен Пол, летови и логистика до и од Северен Пол, како и ноќевање во игло со оброци и тури.