Исландските власти објавија дека најдолгата вулканска ерупција во земјата во последните 50 години е завршена. Спектаклот во близина на Рејкјавик привлече стотици илјади туристи кои доаѓаа да ги гледаат потоците од лава.
„Поминаа три месеци откако лавата за последен пат излезе, па ерупцијата ја сметаме за завршена“, изјави Бриндис Ир Гисладотир од Исландскиот метеоролошки институт.
Сепак, оттаму повикуваат на претпазливост и кажаа дека ќе продолжат да ја набљудуваат областа.
Ерупцијата почна на 19 март на периферијата на планината Фаградалсфјал, околу 40 километри југозападно од Рејкјавик. Според вулканолозите, на полуостровот Рејкјанес лава не течела осум векови, односно речиси 6.000 години каде што случи сегашната ерупција. Ова беше шеста ерупција на Исланд за 20 години и најдолга во последните половина век, бидејќи исфрлуваше лава цели шест месеци, сè до 18 септември.
Бидејќи областа е лесно достапна, ерупцијата стана голема туристичка атракција, при што биле регистрирани повеќе од 350.000 посетители.
Најактивниот вулкан на Исланд еруптира на секои пет до десет години, но тој се наоѓа под голем глечер и не е така достапен.