Трамвајот е туристичка атракција во Лисабон како ретко каде во светот. Тие се движат по лисабонските калдрми повеќе од еден век, но како што сè повеќе од нив се повлекуваат од употреба, така еден човек е во мисија да ја одржи во живот оваа традиција.
Во своето складиште во северниот дел на градот, Пауло Маркеш собира и обновува стари трамваи од 1996 година.
„Кога го купив првиот трамвај, на луѓето не им беше гајле, но сега добивам повеќе почит. Трамвајот станува разгледницата на градот“, вели 48-годишниот Маркеш, кој во складиштето има 13 трамваи.
Трамвајот ги превезува лисабонците по градските нагорнини од 1901 година и сè уште е популарен. Во изминатите години, локалните жители дури се жалат што не се во можност да го користат поради многубројните туристи кои сакаат да го искусат возењето по најпознатите маршрути.
Пред автобусите и метрото да почнат да доминираат во транспортниот систем на градот во 1960-ите, стотици трамваи возеа на повеќе од 100 километри шини. Сега се останати само 50-ина историски жолти трамваи, кои датираат од 1930-ите.
Најстариот трамвај што го поседува Маркеш е од 1906, а најновиот од 1961 година. Тој вели дека му требаат околу пет години да ги поправи и врати во живот, но секогаш вреди. Негова крајна цел е да отвори музеј посветен на трамвајот.