Посетителите на популарните места за забава на Балеарските Острови во Шпанија, вклучувајќи ја и Ибица, ќе мора да поднесат доказ дека немаат коронавирус за да им се дозволи влез, изјави претседателот на Советот на Ибица, Висент Мари.
„Овие потврди ќе бидат суштински дел од нашата борба против коронавирусот ова лето“, кажа Мари.
Претседателката на Балеарските Острови, Франсина Арменхол, издаде посебен указ со кој тамошните ноќни клубови засега остануваат затворени, иако Шпанија значително ги олесни рестриктивните мерки.
„Не сме во позиција да дозволиме ноќен живот, тоа не е наш приоритет“, изјави Арменхол.
Во остатокот од Шпанија, ноќните клубови смеат да работат со една третина од својот капацитет, а подиумот за играње мора да се пополни со маси, со задолжително почитување на социјална дистанца.
Шпанскиот премиер Педро Санчес објави дека земјата од 1 јули ќе биде отворена за странските туристи и некои клубови и барови од Ибица најавија дека неколку недели подоцна ќе ги организираат првите журки.