Рафаел Надал и официјално заплови во хотелиерските води откако на Мајорка го отвори првиот хотел од ланецот „ЗЕЛ“, кој во следните пет години треба да прерасне во светски бренд. Неговиот партнер во овој бизнис е Габриел Ескарер, извршниот директор на „Мелија хотелс“.
„Крајбрежната оаза сместена близу плажата со бел песок Палма Нова е дизајнирана да ги прифати концептите на фиеста и сиеста, кои се од суштинско значење за медитеранскиот начин на живот“, стои на интернет страницата на хотелот.
Хотелот може да прими околу 300 гости, а меѓу содржините кои ги нуди се базени, спа, сауна и клуб ресторан на плажа.
„Моите летувања секогаш беа поврзани со Мајорка и Медитеран. Со нашиот прв хотел сакаме да понудиме моменти во кои јас лично многу уживам, како едрење, јадење на плажа и уживање со семејството и пријатели. Сакаме да имате чувство како да сте дома“, кажа Надал.