„Ролс-ројс“ продал рекорден број луксузни возила минатата година, соопшти британската компанија во германско сопствеништво.

Раководен од БМВ од 1998, престижниот бренд лани продал 4.107 автомобили во повеќе од 50 земји, што е највисока бројка во 115-годишната историја на „Ролс-ројс“. Продажбата скокнала за 22 проценти во споредба со 2017, кога биле продадени 3.362 возила.

Возилата кои се произведуваат во Велика Британија биле најпопуларни во Америка, соопшти компанијата.

„2018 беше најуспешната година за ‘Ролс-ројс‘, година во која постигнавме рекорд. Уверен сум дека во 2019 ќе имаме уште поголем успех“, изјави директорот Торстен Милер-Отвос.