САКАВ ДА ВНЕСАМ СОВРЕМЕНОСТ ВО ПОРТРЕТОТ НА ЧАРЛС ТРЕТИ, ВЕЛИ УМЕТНИКОТ ЏОНАТАН ЈИО

Лондон, (Би-Би-Си)

Британскиот уметник Џонатан Јио е автор на првиот официјален насликан портрет на Чарлс Трети по неговото крунисување во Бакингамската палата. Маслото на платно со димензии седум на пет метри го прикажува кралот во униформа на велшката гарда. Јио (53) досега ги има насликано Тони Блер, сер Дејвид Атенборо и Малала Јусафзаи.

Кога кралицата Камила ја видела сликата, му рекла на Јио: „Да, точно го погоди“. Чарлс првично бил изненаден од јаката боја, но со насмевка го одобрил портретот.

На новиот портрет, кралот е прикажан со меч во рака и со пеперутка која му слетува на рамо. Црвената боја на униформата избледува во црвената позадина, со што лицето на кралот е уште поистакнато. Јио вели дека сакал сликата да биде различна и да се одвојува од минатото.

Фото: Ателје на Џонатан Јио

„Целев кон тоа да биде поинтимна. Сакам навистина да откријам која е личноста која ја сликам и тоа да го пресликам на платно“, вели Јио.

Одлучил да искористи некои од традициите кои се користеле во кралските портрети, како воена униформа и меч, но сакал да додаде и модерен ефект, особено со силната боја и пеперутката.

„Во историјата на уметноста, пеперутката симболизира метаморфоза и повторно раѓање. Таа исто така го означува ангажманот на кралот во заштитата на околината“, вели тој.

Јио почнал да го слика портретот уште во 2021, Чарлс му позирал четири пати, а последен пат се сретнале во ноември 2023. При секое позирање, морал да стои 40 минути потпрен на мечот.

„Цело време стоеше мирно, воопшто не му се одвлекуваше вниманието. Во моментите кога не позираше, разоваравме, го интересираше секој мој потег и какви четки користам. Ми кажуваше дека и самиот сликал. Тој има навистина голема смисла за хумор“, вели авторот.

(Фото: Ателје на Џонатан Јио)