Капитенот на Реал Мадрид Серхио Рамос и ТВ-презентерката Пилар Рубио се венчаа во катедралата во Севилја, на церемонијата што ги обедини светот на фудбалот и светот на шоу бизнисот. Веќе родители на тројца синови, тие се венчаа по седум години врска и настанот беше опишан како свадба на годината во Шпанија, откако во Севилја дојдоа околу 500 гости, меѓу нив и голем број фудбалски ѕвезди.
Меѓу гостите ги немаше Кристијано Роналдо, кој е на одмор во Грција и Икер Касиљас и неговата сопруга Сара Карбонеро, кои во изминатиот период се соочија со сериозни здравствени проблеми. Не се појавија ни Жерард Пике и Шакира, како и Зинедин Зидан.
Дејвид и Викторија Бекам не ја пропуштија шансата да привлечат внимание. Облечена во бел фустан и розеви потпетици, таа го прекрши дрескодот, откако беше сугерирано да не се носи црвено, портокалово, зелено, бело или розево.
Јавноста со голем интерес очекуваше да ја види и венчаницата на Пилар Рубио, која изненади со изборот на црн букет.
Свадбата продолжи со приватна забава на која се забранети мобилни телефони и најавен е ексклузивен настап на легендарниот австралиски хард рок бенд „Еј-Си/Ди-Си“, кој за тоа наводно ќе биде платен еден милион евра.