Членките на уметничкиот колектив од Лондон, „Грејс Грејс Грејс“, со својот перформанс „Луис“ ја воведоа публиката во отворањето на изложбата „Родови перцепции“ во Музејот на современа уметност  (МСУ) во Скопје. Тие работат заедно три години и нивни главен фокус се пресекот на родовите и стареењето.

„Бараме признание за нашата грациозност, за која со векови немаме дозвола“, стои на почетокот на нивниот манифест, објавен на нивната интернет-страница.

Уметниците ја воведоа публиката во изложбата во МСУ (Фото: МСУ)

„Нашиот креативен процес подразбира истражување, дискусија, пишување и работилници. По нашето искуство во Скопје, планираме да поминеме некое време заедно во мала куќа на село и да подготвиме нов проект“, велат членките за СМАРТ СДК.МК.

Тие велат дека најголем дел од прашањата што ги поставуваат се универзални, како, на пример, како да настапиме како жени или како да избереме да го изведеме стареењето.

„Сите жени мора да направат избори помеѓу овие две работи“, велат тие.

(Фото: МСУ)

Уметничкиот колектив има објавено и книга, за која вели дека се враќа наназад и одново ја пишува историјата на уметноста во деловите кои се однесуваат за родовите, стареењето и живата уметност.

„Составивме нов термин за овој жанр ‘gen-age‘ и бараме од читателите да ги погледнат делата на уметниците низ оваа парадигма. Дефинитивно имаме уште многу да кажеме. Дали некогаш сте помислиле дека средовечните жени се невидливи? Оваа книга ве тера повторно да размислите за тоа прашање“, велат тие.

Фото: МСУ

Во книгата е објавен и цитат од нивниот манифест, каде стои: „Го бараме нашето вистинско место во естетските вредности на нашата култура“.

(Фото: МСУ)

Изложбата „Родови перцепции“ е резултат на соработката помеѓу Британскиот совет и МСУ, како дел од регионалниот уметнички проект „Перцепции“, кој зборува за женските прашања денес.

Замислен како соработка помеѓу пет куратори од Западен Балкан, проектот во рамките на секоја изложба претстави 24 дела од 14 британски уметници од колекцијата на Британскиот совет. Изложбата во Скопје ќе трае до 12 август и содржи 39 современи уметнички дела од 25 жени, поделени во три дела: Погледи, Репрезентации и Поништени репрезентации.

(Фото: МСУ)

Б. НЕСТОРОСКА