УНЕСКО Ѝ ДАДЕ ЗАШТИТЕН СТАТУС НА КОНГОАНСКА РУМБА, ШТО СЕ ПОПУЛАРИЗИРАШЕ НА КУБА

Париз, (Би-Би-Си)

Еден од највлијателните жанрови во африканските музика и танц, конгоанска румба, доби заштитен статус од УНЕСКО, што е кулминација на заедничката кампања на двете соседни држави, Демократска Република Конго и Република Конго. Тие се наоѓаат на територијата на древното кралство Конго, од каде што потекнал танцот, се вели во заедничката апликација.

Зборот румба значи папок на јазикот киконго, на кој се зборува во Конго.

И покрај своето африканско потекло, румбата почесто се поврзува со латино танцот, па така кубанската румба влезе на листата на нематеријално културно наследство на УНЕСКО уште во 2016. Стилот на румбата што се развил на Куба во 19. век влече корени од свирењето тапани на робовите од централна Африка, што потоа било комбинирано со мелодиите од шпанските колонизатори.

„Сакаме румбата да се препознава како наша. Таа е нашиот идентитет. Нашите предци кои биле одведени како робови ги паметеле своите историја и потекло токму преку овој танц“, изјави министерката за култура на ДР Конго, Кетрин Катунгу Фураха.