„ВЕСПА“ НАПОЛНИ 75 ГОДИНИ – СИМБОЛОТ НА СЛАДОК ЖИВОТ СТИГНА ДО 19 МИЛИОНИ ПРИМЕРОЦИ

Рим, (Аутокар)

Легендарниот италијански бренд „Веспа“ наполни 75 години. На 23 април 1946, компанијата „Пјаџо“ го регистрираше патентот за возило на две тркала со облик на оса (веспа), кое оттогаш не престана да се произведува.

Точно 75 години подоцна, „Пјаџо“ стигна до импресивната бројка од 19 милиони произведени скутери. Јубилејниот примерок му припадна на моделот „ГТС300“, што беше составен во фабриката во Понтедера во близина на Пиза, каде што „веспите“ непрекинато се произведуваат од самиот почеток. Тие денес се продаваат во 83 земји низ цел свет, а посебна фабрика има во Виетнам и Индија.

„Пјаџо“ одбележа 75 години „веспа“ со специјално издание на скутерот

Приказната за „веспа“ почнува по завршувањето на Втората светска војна, откако во бомбардирањето била уништена фабриката на „Пјаџо“ во Понтедера, која дотогаш правела борбени авиони. Енрико Пјаџо, синот на основачот на компанијата Риналдо Пјаџо, одлучил да се откаже од авионите зашто широките народни маси во Италија имале итна потреба од модерен и достапен начин на превоз.

„Личи на оса (Sembra una vespa)“, рекол Пјаџо кога првпат го видел прототипот, сосема случајно именувајќи го својот скутер.

Низ децениите, „веспа“ создаде углед на класичен скутер со кул изглед кој беше откровение за свое време, станувајќи симбол на „долче вита“ (сладок живот), младоста и поп културата. Глобална популарност му донесе филмот „Празник во Рим“ од 1953 година и сѐ уште не покажува знаци на запирање, па во 2018 биле произведени 200.000 примероци.