ОСКАРОВЦИ И КУЛТНАТА ЊУЈОРШКА УМЕТНИЦА ЛИДИЈА ЛАНЧ ВЕЧЕРВА НА СИНЕДЕЈС

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Два филма кои годинава конкурираа за неколку оскари се на вечерашната програма на Фестивалот на европски филм Синедејс, која ќе заврши со концертот на култното име на њујоршката авангардна уметничка сцена Лидија Ланч.

Во кино Милениум од 20 часот ќе се прикаже „Фантомска закана“ на Пол Томас Андерсон, кој беше најавен како последен филм во кариерата на трикратниот оскаровец Даниел Деј-Луис. Филмот годинава беше награден со Оскар за најдобра костимографија.

Од 22.30 часот е „Најмрачниот час“, кој беше меѓу кандидатите за најдобар филм на годинашните оскари, а Гери Олдман ја однесе наградата за најдобар актер за улогата на Винстон Черчил.

Во кино Фросина во Младински културен центар ќе можат да се погледнат два филма од репертоарот на СинеБалкан, црногорскиот „Мрзливец“ (19 ч.) и српскиот „Бандити во потрага по мама“ (21 ч.), како и краткиот македонски филм „Кога нè нема“, во режија и сценарио на Стефан Палитов. Во 19-минутниот филм играат Огнен Дранговски, Јана Никодиновска и Амернис Нокшиќи-Јовановска.

Пејачка, поетеса, писателка, актерка, активистка, 59-годишната Лидија Ланч во МКЦ ќе настапи со својот тричлен состав „Биг секси ноиз“. Формиран во 2008 година, музиката на бендот може да се опише како мрачен хеви блуз.

Концертот почнува во 23 часот, а билетите чинат 300 денари.