Статуа на Харви Вајнстин, наречена „Кауч за кастинг“, се појави на булеварот Холивуд во Лос Анџелес во пресрет на 90. доделување на наградите Оскар, што ќе се одржи в недела вечер.
Златната статуа го прикажува некогаш легендарниот продуцент како седи на кауч, со полураскопчана бањарка, додека во една рака држи Оскар. Таа е поставена во близина на театарот „Долби“, каде што се доделуваат најпрестижните филмски награди.
Како што објави Еј-Би-Си, скулптурата е заедничко дело на уличните уметници од Лос Анџелес, Пластичен Исус и Џошуа Џинџер Монро, кој во 2016 година направи статуа од разголен Доналд Трамп, што се појави во повеќе градови низ САД.
Со години еден од најмоќните луѓе во Холивуд, Вајнстин изминативе месеци се соочи со обвинувања од десетици жени, главно актерки, за сексуално вознемирување, па дури и силување, по што целата филмска индустрија се откажа од него.